Bloog-big

1. Рефрективни грешки како кратковидост, далековидост и астигматизам се најчестите причини за намален вид. Овие пореметувања се јавуваат кога настанува неправилно прекршување на светлината која минува низ рожницата и истата се прекршува пред или зад неа. Третманот за сите е речиси ист, прв избор на третман се диоптриските очила и контактните леќи, а во одредени случаи и рефрактивната хирургија.
- Миопија или кратковидост претставува рефрактивна грешка при што фокусот на светлина не се прекршува правилно, односно истиот се собира пред центарот за јасен вид (пред мрежницата). При миопија блиските предмети се гледаат јасно, додека далечните предмети се заматени. Миопијата најчесто се открива во раното детство,а за време на растот и развојот на детето таа може да се влоши. Кратковидните луѓе имаат предиспозиција да развијат ретинални заболувања, катаракта и глауком. Миопија се јавува кога окото е подолго од нормалното или кога рожницата е премногу закривена. Очилата и контактните леќи се прв избор на третман, како и рефрактивната хирургија во одредени случаи.  
- Хиперметропија или далековидост е исто така рефрактивна грешка при која фокусот на светлина не се прекршува правилно, светлосните зраци се сечат зад мрежницата. Овие луѓе далечните објекти и предмети ги гледаат релативно добро, додека поблиските ги гледаат заматено. Понекогаш далековидоста е тешко да се препознае, лицата сметаат дека немаат никаков проблем со видот особено кога се млади. Хиперметропија се  јавува кога окото е пократко од нормалното и рожницата не е доволно закривена.
- Астигматизам се јавува кога имаме искривување на рожницата или на леќата и тоа води до неправилно прекршување на светлосните зраци. При оваа рефтактивна грешка видот и за блиските и за далечните предмети е нејасен и искривен. Луѓето може да имаат астигматизам заедно со други рефрактивни грешки како што се погоре објаснетите миопија или хиперметропија. Астигматизмот може да се развие и по болест на окото, повреда или некоја хируршка интервенција на окото. 

2. Макуларна дегенерација поврзана со возраста (ARMD) претставува очно заболување кое резултира со промени на дел од рожницата (макула). При оваа дегенерација се губи вашиот централен вид, додека периферниот вид ќе биде релативно добар. ARMD претставува многу честа појава и е водечка причина за губење на видот кај лицата над 50 годишна возраст. Постојат две форми на макуларна дегенерација:
- Сува форма (неексудативн) е многу почеста, деловите од макулата стануваат потенки и се формираат друзи. 
- Влажна форма (ексудативна) е многу поретка и посложена. Под мрежницата растат нови крвни садови кои предизвикуваат оток, а понекогаш и крварење. Влажната форма резултира со забрзано губење на видот. 
Лица кои имаат предиспозиција да развијат ARMD се: пушачи, обезност, лица со хипертензија, семејна историја за ARMD и лица над 50 годишна возраст.
Дијагностички метод при макуларна дегенерација поврзана со возраст e ОЦТ (оптичка кохерентна томографија).
Во моментов нема начин за третирање на сувата форма, но многу студии укажуваат дека нејзиниот тек може да се забави со одредени суплементи (витамин C и Е, лутеин, цинк, бакар) како и здрава исхрана. Спротивно од сувата, влажната форма на ARMD  се лекува со интравитреални инјекции (anti-VEGF) кои помагаат да се намали бројот на абнормалните крвни садови во мрежницата и го спасуваат видот.

3. Катаракта која всушност претставува и наша специјалност е едно од најчестите заболувања кај повозрасната популација. Катарактата претставува заматување на природната леќа која резултира со намален и замаглен вид, како и двојно гледање, погрешна перцепција на боите при што предметите ги гледате жолти или избледени. Истовремено може да бидат зафатени едното или двете очи. Причина за појава е најчесто возраста (cataracta senilis), при што катарактата се јавува како резултат на денатурација на протеините, генетски предиспозиции, дијабетес, повреда на окото (cataracta traumatica), при третмани со зрачење на горниот дел од телото, долготрајна употреба на кортикостероиди и вродена катаракта (cataracta congenitalis). Главниот третман е оперативен зафат со ултразвучен метод на факоемулзификација, што претставува отсстранување на вашата природна заматена леќа со интраокуларна леќа.

4. Дијабетична ретинопатија се јавува како резултат на високото ниво на шеќер во крвта кое ги оштетува крвните садови во мрежницата. Оваа патолошка состојба може да предизвика оток или формирање на нови крвни садови во мрежницата кои ќе резултираат со намалување на видот. Дијабетичната ретинопатија се класифицира во непролиферативна и пролиферативна. 
- Непролиферативната дијабетична ретинопатија е ран степен на заболувањето кое може да мине и асимптоматски се додека не се направи фундус офталмоскопија. Во оваа прва фаза може да се формира едем на макула и крвните садови не можат правилно да ја исхрануваат макулата. Понекогаш во мрежницата се формираат ситни честички кои се наречени ексудати. Видот при непролиферативната форма е заматен. 
- Пролиферативната дијабетична ретинопатија е понапредната фаза на болеста кога во мрежницата започнува раст на нови крвни садови и настанува неоваскуларизација. Новите крвни садови се релативно кревки и настанува крварење во стаклестото тело кое целосно го блокира видот,а исто така може да настане и аблација.  
Дијагнозата се постигнува со оптичка кохерентна томографија (OCT), а лекувањето е со помош на интравитреалните инјекции Avastin и Eylea (anti-VEGF). Ласерската хирургија исто така може да помогне во спречување на неоваскуларизација. Кај пролиферативната дијабетична ретинопатија која води до одлепување на ретината, состојба позната како аблација потребна е операција наречена витректомија.

5. Глауком или болест која го оштетува очниот нерв настанува како резултат на зголемен интраокуларен притисок. Ова е водечка причина за слепило кај лица над 60 годишна возраст. Глаукомот може да биде со отворен или затворен агол. Народно кажано “колкаво количество на очна водичка окото ќе создаде толкава количина треба и да се издренира”. Овој процес го одржува стабилниот притисок во окото, но кога имаме преголемо создавање или премало дренирање на таа очна водичка настанува зголемување на притисокот оштетувајќи го очниот нерв. Очниот нерв е составен од многу нервни влакна и со постепено оштетување на истите настанува развој на слепи точки во видот. Дијагнозата на глауком е поткрепена со тонометрија, пахиметрија, периметрија, OCT и гониоскопија. Третманот е медикаментозен со капки кои се користат доживотно или оперативен.